|
Напишано од Зоран Јаневски
|
|
Вторник, 22 Јуни 2010 13:02 |
|
Раскопани сообраќајници, откорнати бекатон плочки, купишта земја. Ова е сликата по невремето кое викендов го зафати Велес. Најмногу штета претрпе канализационата мрежа во градот. Поројниот дожд ги однел капаците од шахтите на повеќе градски сообраќајници.
Поради ова, целосно затнати се канализационите мрежи на улиците Мирче Ацев, Киро Ќучук, Благој Ѓорев, Лазо Трпков и Ганчо Хаџи – Панзов. Во моментов комуналното „Дервен“ работи на отстранување на дефектите.

Портпаролката, Тодорка Пенкова Андреевска, вели дека екипите на јавното претпијатие се постојано на терен и ја извлекуваат земјата од шахтите.
- Работни тимови на ЈКП „Дервен“ веднаш излегоа на лице место и извршија поправка на оштетувањата на канализациони линии на ул. Лазо Трпков и ул. Киро Ќучук. Работните активности поради обемноста ќе продолжат и во текот на наредните неколку дена, при што ќе се изврши поправка на канализациона линија на ул. Ганчо Хаџи Панзов и ул. Мирче Ацев. Има и неколку други помали дефекти настанати поради поплавите од невремето, но тие не се најприоритетни во моментов, и штом ќе завршат работните активности на горенаведените линии, работните тимови ќе продожат со отклонување на дефектите и на овие места, изјави Тодорка Пенкова Андреевска, портпарол на ЈКП „Дервен“.
Истовремено претпријатието ги расчистува улиците од наносите со земја и камења. Досега од градскиот асфалт изнесени се 50 трактори земја. За целосно расчистување, „Дервен“ употребил 30 цистерни вода за миење на сообраќајниците. Силните поројници уништија и дел од градскиот асфалт, а целосно ги откорнаа и бекатон плочките од повеќе тротоари.

- Во текот на вчерашниот ден, 21.06.2010, до 12 часот, 36 работници од РЕ Комунална хигиена, 13 работници од РЕ Паркови и зеленило и работници од РЕ Канализација изнесоа 49 трактори земја, камења и шут од градските улици. Беше ангажиран и ровокопач во текот на целиот ден, рече Пенкова Андреевска.
Од комуналното „Дервен“ велат дека работниците ќе останат на терен се додека улиците не се вратат во пробитната состојба. |
|
Последно освежено на Вторник, 22 Јуни 2010 13:07 |